«
»


Зимскиот циклус убави обичаи

Posted by istocna on jan 4, 2010

Според христијанската митологија односно битовото христијанство, на Божик се слави раѓањето на Младиот Бог, чија смисла може да се разоткрие во древните претстави за раѓањето на “новото“ Сонце.

Овој циклус на обреди, почнувајќи од Коледе, со обредното палење оган како момент на иницијација кога момчињата над 12 годишна возраст поминуваат од состојба на аморфност во светот на возрасните (називот потекнува од древните римски `Календи`, посветени на зимското “мирување“ на сонцето), Бадник, Божик, Василица односно Стара Нова Година, па `се до Водици, е оној граничен период меѓу Старата и Новата Година познат како “Некрстени денови“ или “Зло време“ – време на демони и нечисти сили, односно време на деструктивност и хаос.

Тогаш крстот се наоѓа во “мирување“ губејќи ја својата моќ, се до неговото фрлање во вода.
Во некои обредно – магиските ритуали од овој циклус, поради губење на идентитетот во хаосот, учесниците во строго одредени магиски дејства се појавуваат маскирани со вулгарни и еротски елементи, а карневаските маски содржат зооморфни претстави, како и задолжителните маски на зетот и невестата (`невестата` е маскирано момче), кои симулираат полов однос.

32829

Божик, Младиот Бог брзо расте, а за негова заштита од злите сили на хаосот, до Богојавление и неговото крштевање, елките стојат накитени, а карневалските обреди се проследени со галама, бука и музика, со што се изгонуваат сите демони.

Со палењето на огновите всушност му се дава сила на `новото` сонце. Божик е најголемиот празник во зимскиот циклус празници. Како еден од основните симболи на сончевиот небески оган е всушност крстот, а со тоа и на соларното машко божество. За разлика од кругот и квадратот, крстот како знак ја фокусира идеата за сакралниот центар, од кој што почнуваат четирите планетарни насоки (запад, север, исток, југ).

Често крстот е модел и на самиот човек, како антропоморфно божество, а како таков ја содржи и геометриската варијанта на космичкото дрво. Тој ги симболизира силите на плодноста и единството на материјата и духот, а во христијанството е олицетворение на бесмртноста односно воскреснувањето.

Така, од позиција на битовото христијанство, крстот и прекрстувањето со рака имаат особена магиска сила да ги прогонат злите духови и демоните на болестите.

141924169_7c3136ab3b

Водици односно Богојавление, сврзан со представата за крстена вода, а за што треба посебно да се даде претстава за култот кон водата и нејзината важност од митолошка гледна точка, е основната компонента на овој праник на која и се придава прочистителна и воопшто, лековита, оздравувачка моќ.

Осмислено во христијански дух, со потопувањето на крстот во вода, на кој најчесто се прикачени и гранчиња босилок, таа станува богојавленска, света вода, а крстот повторно ја враќа својата моќ што ја изгубил во текот на тн. некрстени денови, при што се изгонуваат сите нечисти сили.

Македонците веруваат дека ноќта наспроти Водици небото се отвара за да водите се прочистат, при што ја добиваат својата моќ. Овие, прочистувачки по карактер обреди, тесно се сврзани со древниот култ кон водата.

(авторизирани теренски истражувања)

Share
Leave a Reply

Comment