Вирџинија
Posted by istocna on fev 25, 2010
Смртта на писмата ја забележа Вирџинија Вулф околу почетокот на минатиот век, чии деца сме. Малку се колебав околу она „чии деца сме„: би ја отфрлила лесно и со драго срце, од повеќе од само неколку причини. Стилистички е речиси неподнослива, а стилот во некои други јазични па и концептуални сфери е пресуден во однос на вредноста. Има и друга инстант опција: „чиј производ сме„. Производи сме, колку и да се опираме на таа одредба. Некои од нас во поголема, некои во помала мера…
Веројатно ќе се се смеам гласно, со груб до вулгарност звук додека го препрочитувам текстот на Вулф наспроти белешките од моето сеќавање, додека го препрочитувам текстот, тоа ако го најдам. Ја читав неодамна, зимово, додека барав автореферентни текстови на жени писателки. во европа, западна, централна, накај северна, од МКД гледна точка (ова околу компасот, за мене мов е за галење, а и за откинување од лебот) , жените што се занимавале со пишување, или ведрана рудан што би рекла : пискарала, па и писателки, се движат од калугерки – некогаш(светици сега, некои од нив), домаќинки – сега (претежно книги за деца, но светлосни години далеку од нешто што би личело на Луис Керол, ова откако ги систематизирале сите рецепти и адресарот, па повторно Змејот Досада ќе почне да ги голица со црвен чадор па брзаат со списоците за на пазар). Азијките куртизани. Ќе го изоставам коментарот за оние ликови, често девојчици кои пишуваат за своите е*ачини додека содржината Луи/Витоните ќе се разлее покрај креветот. Ова ти го пишувам колку и да не ти е интересно и исто толку непровокативно за читање како што би биле оние гореспоменати списоци за на пазар, го пишувам како експеримент, обид да се разбуди од клиничка смрт , дијагнозата одредена од Вирџинија Вулф, а тоа го правеше со значајна доза на меланхолија, ако добро се сеќавам, а не се сеќавам.
A тешко ми е бидејќи постојано ме вшмукува во себе интензивниов вртлог кој се движи помеѓу краниумот и градите, па ми се склопуваат очите. Ама во грч. Ќе има многу грчеви во ова писмо.
Поигрувањата се скромни: симболични и магични, и скромни дури и на лично ниво. Заборавив да ти кажам дека без самракот испаруваат, ги снемува, како витамин Д, како они деликатни хранливи состојки. Да речеме што се во млекото. Стаклена флаша млеко на дневна светлина, во близина на кујнскиот прозорец, и – аш! Како и да се движам, што и да правам тоа е река , јас сум река, а тие лешкарат, лезетарат, по хаосот како овој сега во мојата соба. Откако дојде ти и хаосот се повлече, а вечерва, со самоволието, инаетот, кои не се мои, и надојде. Како плими и осеки. Башка и полна месечина е. Или беше?
Знаеш ли што знаеш да (на)правиш? Да ме повлечеш по ракавоt , да ми ја потегнеш внимателно , па да речеме нежно, раката, и да ми ја покажуваш месечината. Затоа сеуште верувам во тебе. Верувам дека е можна деа во сета брзина што ти се случува ќе се седнеш и ќе го прочиташ сето ова. И овде и у инбокс, овде ремикс, таму демо. Овде во собава, албумска верзија. Ова е мојата музика, без финти за на сцена…
Ако се потрошив некако тоа беше трошење на нуркање кое беше потрага по бисери кои раскажуваат. Од тоа е составен светот, тоа се неговите граници, ѕидови и порти: ова ништо ново, веќе е „народна пословица„ у секој народен прирачник. А знаеш за охридските бисери . Тоа е обично со состојбите на луѓето.Дали се притиснати и присилени тоа да го прават или го избираат, зависи од општиот… брзам сега да се припијам до тебе, целата горка, наспроти… ќе продолжам после…Надвор сега се* е позлатено. Ќе подзатворам. Ете, слушалките велат, уште еднаш подударност
on a clear day i can see forever that the underworld is my oyster.
Се плашам од блискоста која следи, ама и не се плашам. Ама изглеа се плашам, а не се плашам од блискоста која ќе изостане. Надвор е златно. Кога почнав беше темнеца. со сребрени рабови, од месечината. И седнав да ти пишувам за мојот предлог околу заедничкиот и самостоен физички живот кој не остава трошки после доручекот на масата.
